Јувентус работи активно на засилувања за наредната сезона, по Кулушевски денеска беше комплетиран и трансферот на Артур од Барселона, но паралелно со тоа челниците на „старата дама“ преговарат и за останување на клучните фудбалери во тимот. Џанлуиџи Буфон и Џорџо Кјелини дефинитивно се дел од тие клучни играчи, не само поради квалитетите што ги поседуваат, туку и искуството и влијанието врз атмосферата во тимот, а токму тоа беше причината поради која Јувентус ги задржа двајцата ветерани во својот табор и за сезоната 2020/21.
Буфон во јануари ќе наполни 43 години, Кјелини следниот месец ќе го слави својот 36. роденден, но и самите фудбалери исто како и челниците на Јувентус се убедени дека се уште не им е време за да му кажат збогум на фудбалот. Преговорите за нов договор траеја многу кратко, понудените услови експресно беа прифатени, по што клупската управа го официјализираше останувањето на двата великани.
„Не е потребно претставување на Буфон и на Кјелини. Станува збор за шампиони чии имиња говорат сами за себе. Тие се пример на терен и во соблекувалната, лидери на овој тим. Дресот на Јувентус е нивна втора кожа“, се вели во соопштението на „старата дама“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА