Лидерот против шампионот – може ли МЗТ Скопје да му го нанесе првиот пораз на Пелистер?

Богатата прволигашка програма денеска ќе ни приреди и одличен натпревар во Битола каде ќе се сретнат Пелистер и МЗТ Скопје (20 часот).

Лидерот на табелата по седум одиграни натпревари има максимален скор, на пет од овие победи „зелено-белите“ ја надминуваа границата од сто постигнати поени, но се соочија и со реалните проблеми на последниот дуел против Кожув. Поуката од „26ти Април“ е научена, а денеска со мирни главни битолчани излегуваат на мегдан против актуелниот шампион.

„Нема што многу да се зборува, дерби како дерби, празна сала, шансите за победа се 50:50. Битно за нас како екипа е да извадиме поука од последниот натпревар со Кожув, каде не бевме на посакуваното ниво на игра. Јасно е дека нема да ни биде лесно и дека на секој натпревар треба да влеземе максимално подготвени. И дека во текот на сите 40. минути треба да бидеме една целина. Онакви како што бевме и досега. И да не се прилагодуваме стилот на играње на противниците, туку да си ја играме нашата игра, најдобро што знаеме и можеме. Очекувам така да биде вечерва во дуелот со МЗТ Скопје Аеродром“ – изјави најискусниот играч на Пелистер, Бојан Трајковски.

Аеродромци на крилја на победата над Вардар влегуваат во денешниот натпревар, кој ќе биде од големо значење за престојниот „балон“ на АБА2 кој ќе се одржи во Бања Лука. МЗТ Скопје не може да го фати натпреварувачкиот ритам и игра променливо оваа сезона, но место за грешка нема. Избраниците на Кочов се подготвени за надмудрување на денешниот дуел, и одат на победа во „Боро Чурлевски“.

„Гостуваме против екипата на Пелистер која нема пораз оваа сезона и се наоѓа на првото место на табелата. Ќе биде тежок натпревар, кој е од големо значење за двете екипи, особено за нас пред заминувањето во Бања Лука, каде ни претстои и вториот балон на АБА2. Свесни сме дека искусната екипа на Пелистер ќе биде мотивирана и ќе даде се од себе да остане непоразена. Ние тимски ќе се бориме да ја продолжиме серијата победи и се надевам на добра и фер игра“ – изјави бекот на аеродромци, Андреј Магдевски.

Се вчитува...