Лидерот гостува кај последниот, а Алими вели: Скопје не е наивен противник

Лидерот Шкендија цврсто маршира кон шампионската титула во победнички ритам, а сака да го продолжи и на денешното гостување на „Железарница“ против последнопласираниот тим на Скопје. Сепак тоа нема да биде лесна задача за составот на Ќатип Османи, затоа што Скопје оваа пролет е се уште непоразен и бележи одлични резултати, надевајќи се дека може да го избегне најлошото и да обезбеди опстанок.

Играчот за врска на Шкендија, Арменд Алими, вели дека Шкендија ќе биде внимателна на ова гостување, затоа што Скопје не е наивен противник.

„Добро работевме за време на репрезентативната пауза и подготвени сме да продолжиме таму каде што застанавме, со нови победи. Не очекува дуел со тимот на Скопје, кој иако се наоѓа на последното место, со последните игри покажа дека е нималку наивен противник. Ние како и на секој натпревар одиме за да победиме и верувам дека ќе успееме да се наметнеме на теренот како поквалитетен тим“, изјави Арменд Алими.

Интересно е дека токму Скопје и Шкендија се единствените непоразени екипи пролетва во македонскиот шампионат.

Во Битола ќе се игра вечното дерби меѓу Пелистер и Вардар, а интересен се очекува да биде и дуелот меѓу Работнички и Академија Пандев на комплексот на ФФМ во Скопје. Во Тетово, Ренова ќе го пречека тимот на Шкупи, додека во Кратово, Силекс ќе биде домаќин на Победа.

Се вчитува...