Лихтенштајн во големи проблеми: Одбраната што прима по 4 гола на меч – комплетно не игра!

ЕКИПА во Вадуз, Лихтенштајн

Никола Ѓуровски

Лихтенштајн е вечерашниот противник на Македонија во квалификациите за СП 2018 година. Петта станица од квалификациите, а селекцијата на Игор Ангеловски се уште нема ниту еден бод. Совршена можност за прв триумф и први три бода секако е овој меч со домаќинот кој важи за аутсајдер во нашата група.

А и покрај скромниот квалитет на неговиот тим, селекторот на Лихтенштајн,Рене Паурич, ќе ја нема на располагање комплетната одбрана, поради повреди и суспензии. Одбраната која во првите четири меча од квалификациите во просек прими по 4 гола на меч. Осум од Шпанија, четири од Италија, и по два од Израел и од Албанија.

„Имаме големи проблеми со повредите, и токму поради тоа Македонија е уште поголем фаворит. Ние едноставно немаме широк фонд на фудбалери и тие што недостигаат ни се навистина значајни. Но, што да се прави, ќе им дадеме шанса на некои помлади и се надевам дека ќе ја искористат“, изјави вчера на прес – конференцијата, селекторот на домаќинот, Рене Паурич.

На Лихтенштајн ќе му недостига комплетниот дефанзивен ред. Паурич ќе мора без стандардните централни дефанзивци, Микеле Полверино и Даниел Кауфман, а го нема ниту десниот бек Мартин Рехтштајнер, ниту левиот бек Ив Оери, исто како и Андреас Малин. Тоа, за оваа селекција, како што велат, е преголем хендикеп. Но, ќе треба Пандев и соиграчите да знаат да го искористат.

Се вчитува...