Ливаковиќ извиси, Бешикташ избра нов голман

Доминик Ливаковиќ бранеше извонредно на голот на Хрватска и беше меѓу најзаслужните во победата над Панама, но одличниот голман веднаш по натпреварот доби лоша вест – дека нема да му се исполни желбата да застане на голот на Бешикташ.

Ливаковиќ е под договор со Фенербахче, но овој турски клуб воопшто не смета на неговите услуги и веќе му порача на Доминик дека може да си бара нов клуб. Хрватот сакаше да се докаже во турскиот фудбал и преговараше со Бешикташ, се чинеше дека двете страни се многу блиску до целосен договор, но „црно-белите“ од Истанбул во последен момент се премислија и се решија за друг чувар на мрежата.

Станува збор за Александер Нубел, 29-годишниот германски голман кој неколку сезони бранеше одлично за Штутгарт на позајмица од Баерн Минхен. На Нубел многумина гледаа како на наследник на Нојер во Баерн кога ветеранот ќе реши да се пензионира, но очигледно му здодеа да чека, па откако Нојер потпиша нов договор, Нубел побара нов предизвик и перманентен трансфер.

Челниците на Бешикташ успеаја да го убедат Нубел на преселба во Турција, па тој веќе ги известил и раководните луѓе во Баерн за својата одлука. Се очекува клубовите во наредниот период да ги интензивираат преговорите, се со цел голманот што поскоро да замине на лекарски прегледи и потпис во Истанбул.

Се вчитува...