Легендарниот аргентински кошаркар Луис Скола е именуван за глобален амбасадор на Светското првенство кое следната година ќе се одржи во Јапонија, Филипини и Индонезија.
Вториот најдобар стрелец во историјата на Мундобаскетот со 716 поени, е вистинска легенда на ова натпреварување. Бранејќи ги боите на Аргентина пет пати, Скола одигра 41 натпревар на Светските првенства, со што се изедначи со бразилската легенда Бир Масиел.
Гигантот на не само аргентинската и јужноамериканската кошарка дебитираше на Светското првенство во 2002 година, кога неговиот тим беше поразен од Југославија по продолженија во Индијанаполис. Четири години подоцна во Јапонија, Скола доби важна улога во тимот и имаше просек од 14,3 поени по натпревар до полуфиналето, каде Аргентина беше поразена од Шпанија со 75-74.
На Светското првенство во Турција 2010 година, аргентинскиот кошаркар беше уште подобар, што го потврдуваат просечните 27,1 поен. Потоа одигра незаборавен натпревар против Бразил во осминафиналето, кога имаше 37 поени и осум скока. И, конечно, како 40-годишен Скола ја одведе Аргентина до второто финале, а потоа се најде во првата петорка на тимот.
Покрај тоа што блескаше во дресот на Аргентина на Мундобаскетите, Скола беше одличен и на Олимписките игри, на кои учествуваше пет пати. Најголемиот успех аргентинската репрезентација го постигна во 2004 година кога во Атина го освои златото, а четири години подоцна бронзата.
„Навистина ми е чест што сум назначен за глобален амбасадор на Светското првенство и што ја преземам оваа нова улога. Отсекогаш сакав да ја претставувам Аргентина, да ја пеам националната химна пред натпреварите и да играм со толку големи играчи и за неверојатни тренери. Секогаш сакавме да стигнеме до тронот, но најважно ни беше да дадеме се од себе, да бидеме добри примери и да играме за нашата земја. Да се биде дел од златната генерација отсекогаш било посебно искуство за мене. Играњето за репрезентацијата исто така беше приоритет кој ми помогна да ја одржам кондицијата за следната сезона. Имавме неверојатни победи, и иако имаше некои разочарувачки резултати, победивме многу повеќе пати отколку што јас изгубив и научивме неколку животни лекции на патот. Можеби најголемите беа упорноста, заедништвото и заедничката визија и дека тимот може да постигне повеќе од очекуваното. Доколку сите играчи, тимови имаат таков пристап следната година, тоа ќе биде незаборавен Мундобаскет“, изјави Скола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА