Лука Дончиќ продолжува да ги поместува границите во НБА! Словенечката суперѕвезда одигра уште еден спектакуларен натпревар, постави историски рекорд и оствари учинок со кој го надмина дури и легендарниот Мајкл Џордан.
Лејкерси имаат многу причини за задоволство, бидејќи тимот од Лос Анџелес оствари уште една победа. На натпреварот против Сакраменто Кингс, Дончиќ постигна 40 поени, оствари девет скока и седум асистенции, а Лејкерси победија со 116-103.
Со тоа, тимот од Лос Анџелес стигна до седмата победа на девет одиграни натпревари и ја продолжи серијата на три последователни победи. Словенецот погоди шест тројки и третпат по ред постигна 40 или повеќе поени. Сепак, она што особено го одбележа овој натпревар е новото историско достигнување.
Имено, Дончиќ стана првиот кошаркар во историјата на НБА кој на шест натпревари по ред забележал најмалку 35 поени, пет скока, пет асистенции и пет погодени тројки.
Претходно, тој го израмни рекордот на Демијан Лилард, кој имаше пет последователни натпревари со таков учинок, а против Сакраменто го надмина асот на Портланд и стана апсолутен рекордер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
