Фабрегас руши рекорди и ги предупредува неговите играчи да не „летаат во облаци“

Екипата на Комо во дебитантскиот настап во Лигата на шампионите испишува историја, на синоќешното гостување во Франција кај Ланс славеше со неверојатни 9:1 и дојде до третата победа во четвртиот натпревар во елитното натпреварување.

Тренерот Францеск Фабрегас не го криеше задоволството по убедливата победа, но ги предупреди своите фудбалери да не летаат премногу во облаци.

„Среќен сум, ова е фудбал и се одеше во наша полза. Момците одлично се снајдоа, но сега мораме добро да се подготвиме за следниот натпревар в недела кој е многу важен. Сакам целиот град да ужива во овие моменти, но ние мора да ги започнеме подготовките за дуелот во недела“, вели Фабрегас.

Комо синоќа стана првиот тим во историјата на ЛШ кој постигнал девет гола како гостин, а со победата од осум гола им се приклучи на Реал Мадрид и Ливерпул, кои претходно беа единствени два тима со ваков подвиг.

„Ова беше наш четврти натпревар во ЛШ и трета победа. Пред нас е долг пат, моментно фокусот ми е на повредените играчи и на тоа како побрзо да ги рехабилитираме и да ги вратиме на теренот бидејќи ни недостасуваат“, додава Фабрегас.

Се вчитува...