Потенцијалното доаѓање на Оскар Гарсија на клупата на Динамо Загреб предизвика сериозен конфликт меѓу хрватскиот клуб и полскиот Погон од Шчечин, чиј шеф на стручниот штаб моментално е шпанскиот тренер.
Марио Ковачевиќ ја напушти клупата на „модрите“, додека Јерко Леко го презеде тимот како привремено решение.
Во меѓувреме, раководството на загрепскиот клуб го посочи Оскар Гарсија, поранешниот стратег на Брајтон, Салцбург, Олимпијакос и Ајакс, кој моментално го води полскиот тим Погон, за главен кандидат за нов тренер.
Сепак, таквата намера на Динамо наиде на остра реакција од сопственикот на полскиот клуб, канадско-иранскиот бизнисмен Алекс Хадитаџи. Тој ги обвини челниците на Динамо Загреб дека преговараат директно со тренерот кој е под важечки договор, а без дозвола од Погон.
„Заедно со нашиот правен тим на ФИФА во Цирих, официјално го информиравме Динамо Загреб дека нашиот тренер Оскар Гарсија не е достапен за никаква цена. Исто така, го информиравме Гарсија дека нема да го прифатиме неговото барање да оди во Загреб“, напиша Хадитаџи на социјалната мрежа X.
Сепак, тој не застана тука, туку упати и сериозни критики на сметка на хрватскиот гигант.
„Што се однесува до Динамо, го сметаме нивното однесување за непрофесионално, неприфатливо и секако недостојно за историјата, угледот и статусот на загрепскиот клуб. Исто така, веруваме дека нивните потези, вклучително и директното преговарање за условите на договорот со тренерот кој е под договор, претставуваат сериозно кршење на фудбалските и меѓународните деловни правила и може да имаат сериозни правни, финансиски и дисциплински последици. Го задржуваме правото да преземеме понатамошни мерки за да ги заштитиме интересите на Погон“, рече сопственикот на полскиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
