Лука Циндриќ: Важна победа за нас, ја сакаме лидерската позиција

Хрватскиот репрезенаттивец Лука Циндриќ го предводеше Кјелце во триумфот против Вардар, во рамките на петтото коло во Лигата на шампионите. Токму поранешениот вардарец со клучните голови во вториот дел, беше и еден од главните „виновници“ што Кјлеце успеа да ја прекине победничката серија и да му го нанесе првиот пораз на Вардар сезонава. По натпреварот Циндриќ откри дека во полскиот шампион имале посебна мотивација да го победат Вардар во борбата за лидерската позиција во групата А.

„Очекувавме тежок натпревар, знаеме дека Вардар е во добра форма и го зазема првото место во групата. Оваа победа е важна за нас, бидејќи сакаме да го заземеме првото место во групата. Игравме одлично во текот на целиот натпревар. Би сакал да им се заблагодарам на навивачите за одличната атмосфера“ – изјави Лука Циндриќ.

Задоволен по триумфот по тешката пресметка со Вардар беше и тренерот на Кјелце, Талант Душебаев.

„Можеме да бидеме задоволни затоа што одигравме многу добар натпревар, имаше многу емоции. Но, тоа е нормално. Владимир Цупара многу ни помогна уште од почетокот. Имавме повеќе среќа, повеќе здрави играчи и можевме да ротираме. Задоволен сум од играта, но ова е само еден натпревар. Сега мораме да се одмориме и да размислуваме за следните дуели што не очекуваат во Лигата на шампионите и на важниот дуел со Висла Плоцк што ни претстои во полскиот шампионат“ – рече Талант Душебаев.

По петтото коло, Барселона, Вардар и Кјелце се изедначени со по осум бода на врвот на табелата во групата А.

Се вчитува...