Македонија добро парираше 40 минути, но на крајот пресуди класата на Норвежанките

Женската ракометна репрезентација на Македонија загуби со 18-24 од селекцијата на Норвешка во рамките од ЕХФ Еврокупот што го играме како дел од подготовките за претстојниот европски шампионат. Норвежанките ја оправдаа фаворитската улога, а селекторот Савевски може да биде задоволен од нивото на игра во првите 40 минути, во кои имавме и израмнети 14-14 против актуелните светски и европски шампионки. На крајот нашите ракометарки сепак загубија здив, а квалитетниот норвешки состав знаеше како да го искористи тоа и да стигне до победата.

Светските шампионки влегоа подобро во натпреварот, отворајќи со рано водство од 0-2 што нешто подоцна го претворија и во најубедливи „плус четири“ (5-9). Очигледно беше дека македонските ракометарки се преимпресионирани од величината на противникот на самиот почеток од мечот, но како што одминуваше времето така „црвено-жолтите“ добиваа на сигурност и почнаа да покажуваат дел од своите квалитети. Со два брзи гола преку крилата Ристовска и Саздовска нашиот национален тим успеа да намали на 8-10, принудувајќи го норвешкиот селектор на тајмаут.

Во ритам влезе и голманката Мицевска, која не им дозволи на норвешките ракометарки повторно да влезат во гол-серија. Сара Ристовска не реализираше пенал при 11-13, а норвешката голманка Давидсен блесна и пред самиот крај на полувремето, бранејќи го цепелинот на Штериова, по што на одмор се замина со водство на Норвешка од 12-14. Македонските ракометарки видно мотивирани влегоа и во второто полувреме, предводени од голманката Мицевска седум минути не примија гол, успеаја да израмнат на 14-14 преку Јаневска, но и покрај неколкуте шанси не направија целосен резултатски пресврт.

Казната стигна во последните дваесетина минути, во кои Норвешка заигра далеку поефикасно во нападот, конечно наоѓајќи начин да влезе во гол-ритам крај одличната Мицевска. На спротивната страна, Македонија се мачеше да ги реализира своите напади, не помогнаа ниту тајмаутот и советите на селекторот Савевски, па Норвешка го доби овој прв дуел со конечни 18-24.

Голманката Мицевска беше најдобра поединква во нашиот табор, додека во нападот Саздовска беше најефикасна со шест гола, пред Јанеска со четири и Сара Ристовска со три погодоци.

Вториот натпревар од двомечот меѓу Македонија и Норвешка ќе се игра в недела на теренот на противникот.

Се вчитува...