Македонија е во четвртфиналето – Грузијците приземјени на нивни терен по „минус 14“

Младинската репрезентација на Македонија се пласираше во четвртфиналето на ЕП за кошаркари до 20 години – Б дивизија, откако попладнево во драматичен дуел го совладаа домаќинот Грузија со 76-73. Успехот е уште поголем ако се знае дека нашиот состав се враќаше од двоцифрена негатива, а згора на тоа остана и без Андоноски, но и покрај повредата на овој клучен кошаркар нашиот состав успеа да направи голем пресврт и да стигне до четвртфиналето.

Македонските кошаркари се мачеа во одбраната во почетната фаза од мечот, а Грузија го искористи тоа и веќе во осмата минута стигна до првото двоцифрено водство (13-23). Домашните кошаркари доминираа и во првите десет минути постигнаа дури 29 поени (20-29), најавувајќи рутинска победа. Грузијците во неколку наврати во втората четвртина имаа водство од по 14 поени (23-37, 25-39,27-41), но избраниците на Василев покажаа карактер и пред крајот на полувремето ја спуштија разликата под десет, на одмор заминувајќи со седум поени негатива (37-44).

Третиот период донесе нов сериозен проблем за нашите кошаркари, откако Андоноски заработи тешка повреда, на рацете на соиграчите беше изнесен од теренот и повеќе не се врати во игра. И без негова помош Македонија успеа да се врати, со серија прецизни удари од далечина и да поведе со 57-53, резултат при кој не реализиравме три напади за да го дотолчиме противникот. Грузија се врати пред самиот крај на четвртината и во последните десет минути влезе со водство од минимални 57-59.

Одличен во четвртата четвртина беше плејмејкерот Марин Петков, кој со неколку успешни влезови во рекетот донесе ново водство на Македонија, овојпат од 67-65. Одбраната беше наш заштитен знак, во период од пет минути Грузија постигна само два поени, но слабата реализација на нашиот напад оневозможи посериозно да се одлепиме. Македонија имаше најубедливи 72-57, но Грузија погоди тројка на нешто помалку од една минута до крајот, по што ваВасилев побара тајмаут. Беше направен прекршок врз Савиќевиќ по што нашиот плејмејкер погоди едно слободно фрлање, а Грузијците со нова тројка на спротивната страна израмнија на 73-73, на 35 секунди до крајот. Савиќевиќ повторно беше фаулиран и пак погоди само еден од двата„пенали“, но клучната акција беше дело на Петрушевски, кој украде топка на половина од теренот при најважниот напад за Грузија, по што Миловановиќ реализираше, широко отворајќи ги вратите до победата, изразена со конечни 76-73.

Андоноски постигна 14 поени за 16 минути игра до моментот на повредата, со 14 поени мечот го заврши Савиќевиќ, а одличен беше и Петков со 13 поени, како и борбениот Петрушевски со 10 поени, седум скока и две асистенции.

Се вчитува...