Македонија ги има првите судии – близнаци во историјата: „Како и во приватниот живот, и на терен дишеме како еден…“

Браќа близнаци спортисти, во еден ист клуб, не е никаква реткост во светскиот фудбал, но и тоа како безмалку неверојатно е да се сретнат браќа близнаци меѓу судиите на фудбалските терени. Македонија, сепак, може да се издвои како една од ретките земји кои може да си запишат, за првпат во својата историја – браќа близнаци меѓу арбитрите, во имињата на Марјан и Мартин Дејаноски од Кичево.

Браќата Дејаноски се млади арбитри кои со крупни чекори грабат напред кон судиската елита во Првата лига. Марјан како главен судија, а Мартин покрај аут-линијата.

„Никогаш досега не сме се експонирале во јавноста, па благодарност за интересот да се запознаe јавноста и со судиите кои се дел од фудбалскиот натпревар. Во македонскиот фудбал, кој го следиме и сме дел од него од најрана возраст, ретко се сретнуваат браќа кои се судии, посебно близнаци. Исто како и во приватниот живот така и во професионалниот, во делот на судењето ние сме многу блиски, многу посветени и пожртвувани во тоа. Поради тоа сите останати колеги ни даваат голема поддршка и сме прифатени со голема почит и пријателство од страна на сите судии. Сметам дека доколку се работи со љубов одредена професија тогаш и целото опкружување ќе го почувствува тоа, посебно во нашиот случај дуплирана“ – вели Марјан, кој смета дека судењето со својот брат Мартин е предност, бидејќи добро се познаваат и се воиграни, што е важно кога се дели правдата на теренот.

„Во судењето покрај техниката важно е и брзото реагирање, па така во нашиот случај не се има случено да се направи некаков превид или пропуст во играта. Она што е посебно интресно кога имате свој близок човек како дел од работата е фактот дека темите на разговор ви се слични. Оттука со мојот брат имаме голем опсег за конверзација и најчесто тоа се ситуациите од секојдневните настани и начинот на играта кога ќе заврши одреден фудбалски натпревар. Дури и да има некоја околност што едниот од нас не ја увидел другиот ја потенцира и така секојдневно од ден на ден заедно стануваме се поуспешни и постручни“.

Фудбалот од мали нозе е љубов на браќата Дејаноски. Тие откриваат дека нивниот татко е виновник што биле прво фудбалери, а сега судии.

„Фудбалот е дел од нашиот живот. Кога бевме мали не пропуштавме тренинг. После толку години и завршено образование, високо и последипломски студии, секогаш фудбалот беше дел од нашите доброволни активности кои ги сфаќавме сериозно и одговорно. Секој спорт е убав и неопходен за правилен раст и развој на духот и телото, затоа апелирам до сите млади луѓе да водат сметка за најважното во животот а тоа е сопственото здрајве кое единствено преку одбирање на правилен спорт и упорност може да го оствари. Без изговори и откажувања исто како што и јас и мојот брат започнавме како фудбалери и се надградувавем и сега сме и професионални судии. Учењето не застанува тука, има уште многу тренинзи, многу работа и многу време кое ќе го поминеме на терен“ –  дополнува Мартин Дејаноски.

Неодамна, на натпреварот Охрид – Скопје во Втората лига – Запад, Мартин и Давор го положија републичкиот тест после кој ќе можат да судат и на натпреварите од Првата лига. Марјан во пролетната полусезона ќе полага за „значката“ со која ќе може да дели правдата во најквалитетната фудбалска лига во Македонија.

М.П.

Се вчитува...