Македонија има три ривали за вајлд-карта за СП 2021

Македонската ракометна репрезентација без борба беше елиминирана од битката за пласман на СП 2021 во Египет, откако ИХФ реши да ги откаже баражите за пласман на Мундијалот, давајќи им предност на Французите како подобро рангирана репрезентација од последниот европски шампионат. Челниците на Ракометната Федерација на Македонија не се предаваат и аплцираа за вајлд-карта за одржување на континуитетот од настапи на големото натпреварување, но нема да биде нималку лесна, бидејќи дел од репрезентациите кои ја доживеаја судбината на Македонија се решија да тргнат по истиот пат за да стигнат по египетска виза.

Македонија е меѓу фаворитите бидејќи последниот европски шампионат го заврши на 15. место, а првите 14 селекции обезбедија автоматски пласман на СП 2021, но предизвикот за „црвено-жолтите“ нема да биде мал. Напротив, три земји веќе објавија дека ќе аплицираат за вајлд карта за претстојниот Мундијал. Србија и Полска веќе испратија апликации до раководството на ИХФ, а истото го најавија и челниците на Ракометната Федерација на Русија, што е јасен знак дека битката воопшто нема да биде лесна.

Светската куќа на ракометот веќе објави дека ќе има најмалку две вајлд-карти на располагање, од кои минимум една ќе им биде доделена на селекции од Европа. Во зависност од исходот на квалификациите во Северна Америка и Кариби, како и оние за Централна и Јужна Америка, лесно може да се случи доделување на втора вајлд-карта на европска селекција, што дополнително би ги зголемило шансите на Македонија за пласман на СП 2021.

Засега не е наведен точниот датум на кој ИХФ ќе решава за судбината на сите апликанти, но едно е повеќе од јасно, Македонија со настапите во изминатите десетина години заслужи да го продолжи континуитетот од настапи на големите натпреварувања што трае уште од ЕП 2012 година во Србија.

Се вчитува...