Македонија не успеа на „Драгао“, но… – Сонот за Мундијал продолжува да живее!

ЕКИПА во Порто, Португалија

Владимир Булатовиќ

Македонската фудбалска репрезентација во првиот обид во историјата не успеа да дојде до остварување на својот сон и пласман на СП 2022 во Катар, откако во финалето од баражот загуби од Португалија на „Драгао“ во Порто со 2-0.

Во натпревар кој момците на Милевски го одиграа многу постабилно, посигурно на терен во однос на оној со Италија, сепак дозволија по индивидуална грешка домаќините да дојдат до предност во првото полувреме со што оставија порелна можност за Португалците да дојдат до посакуваната победа. Но, оваа генерација покажа дека пред неа се уште многу успеси. Сонот и за Мундијал продолжува да живее!

Македонија имаше и одличен старт на натпреварот со висок пресинг и максимална контрола на играта на средината од теренот. Португалците со прва полушанса во 14. минута кога Роналдо изби сам откосо и шутираше покрај голот на Димитриевски.

Но, се потоа максимално паметна игра на составот на Благоја Милевски. Првата шанса за Македонија во 16. минута, Елмас го проигра Алиоски по левата страна, но неговиот шут блокиран во корнер. Два корнери по ред за Македонија, но без реализација.

Во 20. минута повторно одлична акција на македонските репрезентативци. Трајковски поведе, Ристовски од десно извонредно на вториот дирек го пронајде Алиоски кој од прва шутира со волеј, но покрај голот на домашниот голман.

И низ еден тотално мирен период од играта, Португалците доаѓаат до предност само поради наша индивидуална грешка. Капитенот Стефан Ристовски во 32. минута од играта погреши подарувајќи им на домашните една топка на 30 метри пред нашиот гол. Роналдо го проигрува Бруно Фернандеш кој стрела за 1-0! И, до крајот на првиот дел потоа со игра на средината од теренот од двете екипи, затворени пристапи на Португалците кон македонскиот гол за 1-0 на полувремето.

Вториот дел почна со влегување на Бојан Миовски на местото на Милан Ристовски во македонските редови. Мирен дел од играта во кој и двата тима немаа ниту една шанса. Во 59. минута селекторот Милевски се одлучи во игра да го внесе и Дарко Чурлинов на местото на Трајковски, и во еден тотално мирен период од играта брз контранапад на Португаците, во 65. минута Диого Жота го проигра Бруно Фернандеш кој втрчува осамен пред голот на Димитриевски и погодува за 2-0.

Во продолжението, поседот на топката на страна на Македонија но без можности за погодок. Во 78. минута, двојна акција на Елмас и Миовски кои имаат физички контакт во домашниот шеснаесетник, но судијата не суди пенал. И по ВАР-консултацијата потврдено дека нема пенал.


БАРАЖ ЗА СП 2022 – ФИНАЛЕ
ПОРТУГАЛИЈА – МАКЕДОНИЈА 2-0 (0-0)
Стадион „Драгао“ во Порто. Гледачи: 50.000. Главен судија: Ентони Тејлор (Англија). Стрелци: Бруно Фернандеш 32′, 65′ (П). Ж. картони: Кансело (П), Муслиу, Алиоски (М).
ПОРТУГАЛИЈА: Диого Коста, Кансело, Данило, Пепе, Нуњо Мендеш, Мутињо, Отавио (76′ Карваљо), Бруно Фернандеш, Силва (87′ Жоао Феликс), Диого Жота (76′ Леао), Роналдо
Селектор: Фернандо Сантош
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, С. Ристовски, Велковски, Муслиу, Алиоски, Адеми, Костадинов (75′ Ашковски), Барди, Елмас (87′ Николов), Трајковски (59′ Чурлинов), М. Ристовски (46′ Миовски)
Селектор: Благоја Милевски

Се вчитува...