Македонија никогаш не се откажува: Ракометарките се вратија од „минус десет“, в сабота ќе „гори“ во Битола

Женската ракометна репрезентација на Македонија претрпе пораз од 22-18 на првиот дуел од баражот за СП 2025 против селекцијата на Полска. Домаќинките ја оправдаа фаворитската улога во голем дел од мечот, на десет минути до крајот имаа 22-12, но Македонија покажа дека никогаш не се предава, со фуриозен финиш стигна до „минус четири“ како најава за пеколна атмосфера на реваншот што е закажан за сабота во Битола.

Полска уште од самиот почеток го диктираше темпото на игра и резултатот на овој натпревар. Домашните ракометарки се одлепија на 8-4, а Македонија стигна до 86 благодарение на голманката Петковска, која одбрани три од првите четири удари по влегувањето во игра. Следеше нова серија на полските репрезентативки, кои експресно се одлепија на 10-6, а потоа на одмор заминаа со уште поубедливи 14-8.

Слабата игра на македонската репрезентација во нападот продолжи и во вториот дел, откако во првите петнаесетина минути постигнавме прескромни три гола, па Полска дојде и до првото двоцифрено водство на мечот (21-11). Домаќинките имаа 22-12, преку Саздовска и Гакидова намаливме на 22-14, нешто подоцна Сара Ристовска погоди за 22-15, период во кој одлично функционираше нашата игра во одбрана. Нашите ракометарки добија на самодоверба, продолжија да ја топат негативата стигнувајќи на 22-18 на две минути до крајот, имавме два напада при овој резултат што не ги искористија, но затоа Мицевска со фантастична одбрана во последните секунди ги задржа конечните „минус четири“.

Сара Ристовска со осум гола беше најефикасна во нашите редови, по два погодоци постигнаа Гакидова, Коларовска и Дамјаноска, додека голманките Мицевска и Петковска имаа по четири успешни интервенции.

Реваншот од овој двомеч е закажан за сабота со почеток во 19 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, каде сигурно нашите ракометарки ќе имаат огромна поддршка во обид да стигнат до нов подвиг и билет за СП 2025.

Се вчитува...