Македонија подобра од Шведска на крајот од групната фаза на ЕП-Б дивизија

Младата репрезентација на Македонија за кошаркари до 18 години триумфираше против Шведска со 69-60 во последниот натпревар од групната фаза на Европското првенство Б дивизија.

Во дуелот за избегнување на последното место во групата, на крај македонските кошаркари успеаја да слават против Швеѓаните кои останаа последнопласирани во групата.

По израмнетото прво полувреме кое заврши со предност на Шведска од 30-31, сепак во вториот дел далеку подобра игра на избраниците на Миодраг Тодоровиќ кои со квалитетна трета четвртина дојдоа до победата.

Пресуди третиот период од играта кој Македонија го доби со 20-12, а потоа рутинско одржување на предноста во последната четвртина за конечна победа од 69-60.

Убедливо најдобар во македонскиот табор беше Григориј Ѓорѓевиќ со 17 поени, кој за малку остана и без „трипл-дабл“ завршувајќи и со 11 асистенции и 8 скока. Михајло Малиниќ заврши со 11 поени и 10 скока, а Ѓорѓи Цветковски имаше 12 поени. Двоцифрен уште беше Дамјан Данев со 10 поени, дополнети и со четири скока.

Македонија во продолжение на турнирот ќе се бори за пласман од 9. до 16. место.

Се вчитува...