Македонија „потона“ во Босфорот: Убедлив пораз на тестот против Турција (ВИДЕО)

ЕКИПА во Истанбул, Турција
Горан Бошев

Убедлив пораз на Македонија на пријателскиот натпревар против Турција одигран во Истанбул. Расположениот домаќин не остави ниту простор за надеж за чудо крај Босфорот. Турците едноставно „летаа“ по теренот, а нашите репрезентативци како да се потклекнаа под притисокот од трибините, од блиску 50.000 гледачи на стадионот на Фенербахче, правеа почетнички грешки, тешко се врзуваа, а домаќините сето тоа го искористија за на крај да триумфираат со 4-0.

Немаше одговор одбраната за нападите на Турција ниту во првиот дел, а ниту во вториот, иако целата одбрана беше заменета. Во првото полувреме и Турците имаа проблеми со нивната игра во одбраната, но затоа во второто полувреме ги отстранија и тие грешки кои ги имаа, па притиснаа уште пожестоко, влезе во игра и одличниот Гулер, за да нема никакви дилеми околу победникот уште после еден час игра.

Повторно проблематични страничните позиции кои никако не успеваме да ги затвораме, и со нив имавме проблеми и во Сараево, и вечерва во Истанбул. Сето тоа добро го прочитаа Турците, па двата гола паднаа токму од страните. Не успева никако тактиката со тоа да покриваат офанзивните бекови Алиоски и Деспотовски, па можеби треба да размислиме да менуваме нешто во тактичката поставеност. Нашата репрезентација беше збунета во првите минути, кога Турција за само 60 секунди имаше две одлични шанси, за жал едната ја искористија. Не искористи Македонија две добри шанси во првото полувреме и така барем да намали и да донесе неизесност, па на полувреме имаше водство Турција со 2-0.

Како тргнавме во мечот, можевме уште во 10. секунда да имаме негатива. Џан Узун ја погоди пречката по катастрофалната реакција на Велковски и на средниот ред. Меѓутоа за среќа, Димитриевски успеа да ја чепне топката и таа наместо во мрежата, да заврши во пречката.

„Изгубеноста“ во редовите на Македонија продолжи и во следните секунди. Како да потклекнаа избраниците на Гоце Седлоски пред пеколната атмосфера, па на почетокот на втората минута мрежата се тресеше. Грешка по левата страна, пробив Огуз, додава до Кокчу и „мат“ во два потези за Македонија.

Требаше да се прими гол, за Македонија да се „смири“ и да ја задржи топката. Можеби поседот и не беше толку на страната на Турците во првиот дел, но беше евидентно дека тие свесно ја пропуштија топката на противникот, а беа многу опасни преку противнападите од страничните позиции на Огуз и Акгун, каде им се приклучуваше и Чан Узун. Турците имаа и една слаба точка, а тоа беше транзицијата од напад во одбрана по загубена топка.

И во една таква ситуација Атанасов имаше прилика да шутира, кога непокриен од последните играчи за врска, упати удар кој беше изблокиран, топката само мина крај голот.

Продолжи Турција да се заканува преку страничните позиции, една грешка овојпат од десната наша страна придонесе и за втор гол во нашата мрежа. Димитриевски исто така не беше концентриран, и сето тоа го користи Џан Узун со удар од 22-23 метри одкосо од лево, и Турција води 2-0 во 16. минута.

Имаа прилика Турците и за трет гол преку Акгун, откако повторно пробија по нашата лева страна, шутот отиде само над голот.

Во последните мигови од првиот дел и голема шанса за Македонија. Миовски нафрли до Алиоски кој беше осамен, се реши да дрибла наместо за удар од прва, успеа да го мине Кабак, ама шутот му беше одбранет од страна на Бајиндир, и пропадна најголемата шанса за Македонија да намали.

Турција можеше во последните мигови и да казни преку Огуз, овојпат се реши индивидуално, го мина Фетаи, ама Димитриевски ја чува надежта на Македонија за добар резултат.

Немаше што повеќе да се чува, па Седлоски направи неколку измени. Ја промени целата одбрана во вториот дел, но и Деспоторвски кој не се снајде во првиот дел, го внесе Чирлинов со цел да помага во одбрана, ама и да биде поофанзивна нашата селекција. Влезе во игра и Милан Ристовски, но и Сефер Емини.

Повторно проблеми на почетокот на второто полувреме, како и на почетокот, па така уште во 48. минута шанса за Огуз Ајдин, кој го натера Димитриевски да брани за да не прими трет гол.

Турција не отстапуваше од нивната игра, па брзо поведоа и со 3-0, решавајќи го веројатно и прашањето околу победникот. Џан Узун, најдобриот играч на оваа средба, додаде до Дениз Гул кој со глава успеа да ја испрати топката во мрежата на Димитриевски, и на  голема радост на публиката на стадионот во азискиот дел на Истанбул.

Залудно и измените во нашата селекција, кога Турција продолжи да „танцува“, особено по влегувањето на Гулер. Токму после една одлична акција меѓу него и Кавечи, овој асистира до Јилмаз кој осамен го постигнува и четвртиот гол за Турција, совладувајќи го нововлезениот дебитант Талески.

Турците продолжија со со нападите, а Јилмаз беше блиску и до втор гол, меѓутоа Талески му го одбрани неговиот шут.

До крајот и Турција веќе ги чуваше силите за она вистинското што следува, па не сакаше повеќе да притиска затоа што победникот беше решен, и требаше да се соочуваат силите за вистинските предизвици. За Македонија останува уште еден натпревар без даден гол, со четири примени. Следува добра анализа пред натпреварите во Лигата на Нации, каде што ќе се нема право на грешка.

 

ТУРЦИЈА – МАКЕДОНИЈА  4-0 (2-0)

Стадион: Чобани Арена, Шукру Сарачоглу во Истанбул. Гледачи: 48.000.

Судија: Хозе Мунуера (Шпанија)

Стрелци: Кокчу 2’, Узун 16’, Гул 52’, Јилмаз 70’

Ж. Картони: Фетаи (М).

ТУРЦИЈА: Бајиндир (62’ Шенгезер), Мулдур (88′ Чалханоглу), Кабак (46’ Акајдин), Сојунџу (63’ Демирал), Елмали (27’ Челик), Езчан (63’ Тикназ), Кокчу (46’ Каан Ајхан), Акгун (46’ Кавечи), Узун (63’ Шимшир), Огуз Ајдин (62’ Гулер), Гул (63’ Јилмаз).

Селектор: Винченцо Монтела

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски (66’ Талески), Зајков (46’ Манев), Велковски (46’ Серафимов), Фетаи (46’ Муслиу), Деспотовски (46’ Чурлинов), Алиоски (66’ Аломеровиќ), Елези (66’ Николов), Атанасов (46’ Емини), Елмас (74’ Растодер), Миовски (46’ Ристовски), Омерагиќ (66’ Додев).

Селектор: Гоце Седлоски

Се вчитува...