Македонија против Романија за главна фаза на ЕП

Женската ракометна репрезентација на Македонија вечерва против Романија ќе го одигра последниот натпревар од групата Ц на Европското првенство.

Дуелот против Романките ќе биде директна пресметка за пласман во главната фаза. Иако нашиот тим е голем аутсајдер во оваа група, кај стручниот штаб и ракометарките нема предавање и ветуваат дека вечерва ќе го дадат својот максимум за да стигнат до победа.

Селекторот Љубомир Савевски пред мечот со Романија вели дека иако оваа репрезентација не е на рангот на Франција и Холандија, сепак во моментов е класа над нас.

„Романија е репрезентација која се создава. Не се на рангот на Холандија и Франција, но се големи фаворити во мечот со нас. Играјќи против Романија која е фаворит, единствена шанса ни е да извлечеме поука од грешките. Не смееме да дозволиме противникот брзо да се одлепи, бидејќи вака млада екипа како нашата многу е тешко да се врати по рана негатива“, заврши Савевски. 

Капитенката на репрезентацијата, Сара Ристовска вели дека со максимална борбеност до последната минута верува во поволен резултат.

„Ни останува уште еден натпревар, тој со Романија, кој е многу важен за нас.  Мора да продолжиме со максималната борбеност на натпреварите до последната минута. Романија е за нас последна шанса, мора да собереме сили сите до една почнувајќи од мене, па зошто да не се радуваме“, изјави Ристовска.

Натпреварот кој ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје е закажан со почеток во 18 часот.

Се вчитува...