Македонија со минус седум на полувреме против Франција

Женската ракометна репрезентација на Македонија има негатива од 5-12 на полувреме против Франција во натпревар од 1. коло во групата Ц од Европското првенство.

Главна причина за негативата по 30 минути игра е слабиот старт на нашите ракометарки во нападот во првите петнаесет минути во кои не успеавме ниту еднаш да ја затресеме мрежата на Клеопатра Дарло.

По неколкуте пропуштени шанси на двете страни, првиот погодок на мечот беше постигнат во третата минута кога Нзе Минко донесе водство од 0-1 за Франција. Македонија седум минути беше без погодок, а по голот на Деуна Зади за 0-3 за Франција, селекторот Љубомир Савевски се одлучи да го побара првиот тајм-аут на натпреварот.

Залуден беше тајм-аутот на селекторот бидејќи и во следните три минути не постигнавме погодок, па по десет минути игра Французинките имаа предност од 4-0. Нашите ракометарки пропуштија некои зицери за постигнување на првиот погодок, па сето тоа резултираше ние и по петнаесет минути игра да имаме на семафорот нула постигнати голови, а Франција да има предност од 0-5.

Првиот погодок за Македонија на шампионатот го постигна Јована Кипријановска која во 16. минута намали на 1-5. До дваесетата нашата репрезентација постигна уште еден гол па резултатот на семафорот беше 2-6 за гостинките.

Јована Мицевска беше феноменална на нашиот гол, но во нападот се уште се мачевме и не успеавме да ја искористиме нејзината одлична серија, па по 23. минута игра Французинките се уште ја имаа позитивата од плус четири 7-3.

Французинките до паузата само ја зголемија својата предност, па по триесет минути игра резултатот на семафорот изнесуваше 5-12.

Мицевска со четири одбрани беше најдобар поединец во нашиот табор, додека стрелци на трите гола за Македонија беа Кипријановска, Маџовска, Ристовска, Саздовска и Јанеска. Кај Франција, Дарло запиша девет интервенции, додека Корал Ласурс со три погодоци беше најефикасна.

Се вчитува...