Македонија со пресврт го победи Исланд, па ќе игра за 13. место на ЕП Б-дивизија

Машката јуниорска репрезентација на Македонија ќе игра за 13. место на Европското првенство од Дивизијата „Б“, откако во разигрувањето денеска славеше против Исланд со 86-74.

Македонските јуниори покажаа карактер одигрувајќи го еден од најдобрите натпревари на шампионатот во Хрватска. Иако по само десет минути игра имаа негатива од 16 поени, избраниците на селекторот Миодраг Тодоровиќ направија голем пресврт и заслужено изборија натпревар за 13. место.

Исланд подобро го отвори натпреварот и по првата четвртина стекна убедлива предност од 25-9. Но, следуваше извонредна реакција на нашата репрезентација.

Во втората четвртина Македонија целосно го презеде ритамот на играта. За само неколку минути направи серија од 17-4, со која се врати резултатски во натпреварот, а потоа продолжи во ист стил. Вторите десет минути ги добивме со убедливи 35-12, што беше доволно на полувремето да заминеме со предност од 44-37.

По паузата Исланд повторно се врати во игра и во 28. минута направи пресврт за водство од 55-54. Сепак, по тајм-аутот на селекторот Тодоровиќ, нашите кошаркари брзо ја стабилизираа играта, повторно поведоа и во последната четвртина влегоа со минимална предност (60-59).

Во завршните десет минути Македонија повторно го наметна својот ритам. Со сигурна игра во нападот и дисциплинирана одбрана постепено ја зголемуваше разликата и без поголеми проблеми стигна до заслужена победа од 86-74.

Капитенот Ѓорѓевиќ беше лидер на тимот со 18 поени, пет скока и две асистенции, при одличен шут за три поени (4/5). Цветковски натпреварот го заврши со 17 поени. Данев оствари дабл-дабл ефект со 11 поени и 10 скока., додека Стојаноски и Нешовиќ постигнаа по 10 поени.

На последниот ден од Европското првенство во Опатија, утре, од 11:30 часот, Македонија ќе се сретне со Велика Британија во натпреварот за 13. место, откако Британците во денешниот дуел беа подобри од Азербејџан.

Се вчитува...