Македонија со стил на нов ракометен мундијал

Контиуниетот на настапи на Македонија на големите натпреварувања ќе продолжи и на СП 2027 откако нашите ракометари без поголеми проблеми ја минаа бараж-пречката наречена Словачка. Максимален фокус и ангажман во текот на сите 60 минути беше наш заштитен знак и на вечерашниот реванш, противникот не беше потценет и покрај убедливата победа во Прешов пред неколку дена, па избраниците на Лазаров одиграа перфектни 60 минути пред преполните трибини на СЦ „Борис Трајковски“ (38-23) и заслужено на крајот со верните навивачи го прославија новиот мундијалски билет.

Натпреварот го почнавме со одлична одбрана на Мартин Томовски, по што на спротивната страна првиот гол го постигнавме преку Лазаревски. Доминацијата во однос на противникот беше очигледна, делувавме одлично во одбраната, шаренолико во нападот, што ни овозможи по нецелли десет миинути веќе да водиме со пет гола предност, откако Велковски биеше прецизно за 7-2.

Петар Атанасијевиќ во 12. минута погоди од крило за 9-3, по што словачкиот селектор беше принуден да побара тајмаут. Ситуацијата на теренот не се промени, Македонија продолжи да игра „по ноти“, па преку пивотот Самоил Ристески поведовме со 11-4. Костески беше прецизен за 12-4, но потоа дојде до мала криза што гостите ја искористија за да намалат на 13-8. Капитенот Кузмановски со својот петти гол ја прекина мини-серијата на гостите. Лазаров побара тајмаут за Македонија при 16-9 во 27. минута, но повторно дојде до мала криза во нашата игра, противникот дојде до 16-11, но Македонија сепак на одмор замина со 18-11 по погодоците на Лазаревски и на Ѓоргиев.

На стартот од второто полувреме на голот на Македонија застана искусниот Никола Митревски, а нашите ракометари продолжија да доминираат, во 35. минута поведувајќи со двоцифрени 23-13 по погодоците што ги постигнаа Петковски и Филип Кузмановски. Словачкиот селектор побара тајмаут при 24-13. По серијата од три гола на Словаците нашиот селектор побара тајмаут, по што веднаш следеа три гола во низа на Мартин Велковски.

Македонија се врати во препознатливиот ритам, па со гол на капитенот Кузмановски од нашата половина, во празна мрежа, поведовме со 29-18, на половина од второто полувреме. Лазаров повторно изврши ротации во тимот, па дојде ред на Стојковиќ кој со три гола во низа ја зголеми предноста на 34-21 на девет минути до крајот. Финишот мина во рутинско одржување на предноста, за заслужена победа од убедливи 38-23  и пласман на уште еден ракометен мундијал за македонскиот национален тим.

Филип Кузмановски повторно беше „прва виолина“ со единаесет гола и бројни асистенции, Велковски имаше шест гола од шест обиди, додека Милан Лазаревски мечот го заврши со пет гола.

Се вчитува...