Македонија супериорна – со три од три во бараж за СП 2019!

Со максимални три победи во квалификациите, женската ракометна репрезентација на Македонија супериорно го освои првото место во групата и обезбеди пласман во јунскиот бараж за СП 2019 во Јапонија. Во последниот трет натпревар на квалификацискиот турнир во Скопје, македонските ракометарки ја победија Турција со 30-23  и го заверија настапот во баражот. Претходно, Македонија беше поуспешна од Азербејџан (41-22) и од Исланд (29-21).

За македонските ракометарки ова е втор последовен пласман во бараж за СП. Претходно, Македонија настапи во баражот за СП 2017 во кој беше елиминирана од репрезентацијата на Шведска.

Како и на претходните два натпревари, избраничките на македонската репрезентација и во денешниот натпревар со Турција одигра дисциплинирано и ефикасно и имаше контрола на резултатот од почеток до крај.

Уште по првата четвртина, македонските ракометарки се одвоија на три гола разлика (6-3), а до крајот на првиот дел ја удвоија предноста (16-10).

Сигурната предност донесе мало опуштање во македонскиот табор во последната четвртина што им овозможи на противничките да ја намалат разликата на 35-21 на седум минути пред крај, но победата не беше загрозена во ниеден момент.

Во првите седум минути од вториот дел, репрезентацијата на Турција постигна само еден гол, а Македонија ја зголеми предност на 11-19.

Сара Ристовска постигна осум, а Јована Саздовска заврши со шест гола во третата победа на Македонија во квалификациите за баражот за СП 2019.

Второто место во групата го освои репрезентацијата на Исланд која во денешниот последен натпревар славеше убедлива победа против селекцијата на Азербејџан (49-18). Турција е трета со два бода, а последен е Азербејџан без бодови.

Првопласираните и најдобрата втора репрезентација од сите четири квалификациски групи обезбедуваат пласман во баражот за СП 2019. Двојките за баражот ќе бидат одредени со ждрепка на завршниот викенд од ЕП во Франција.

Се вчитува...