Македонија запрена од БиХ, останува уште една шанса за елитата

Македонија не успеа да се пласира во финалето од Европското Првенство – Б дивизија откако вечерва загуби од домаќинот БиХ со убедливи 76-95. Одличното прво полувреме не беше доволно за продолжување на победничката низа, заморот во продолжението беше очигледен, а босанскиот состав знаеше како да го искористи тоа за да стигне до триумф. И покрај денешниот пораз, Македонија се уште има шанси за пласман во А дивизијата, доколку во мечот за третото место слави над поразениот од вечерашниот меч Русија – Чешка.

Селекцијата на БиХ подобро го почна натпреварот, диктирајќи го темпото од самиот почеток. Имавме проблеми со одбраната, па Босанците поведоа со 11-21, пред избраниците на Јованчев да влезат во ритам и да намалат на 20-23 на крајот од првата четвртина. Домашната селекција поведе со 23-29 во вториот период, но одговоривме со тројки на Мирковски и на Петрушевски и веднаш го израмнивме резултатот. Савичевиќ реализираше за водство на Македонија од 33-31, за потоа во 15. Минута „црвено-жолтите“ да стигнат и до 40-35.

Во финишот од полувремето делувавме брзоплето, имаше и една чудна судиска одлука и досудени чекори при лесно положување на Савичевиќ, за на одмор да се замине со израмнети 50-50. Во овие 20 минути одлично функционираше шутот од далечина (6/11 за тројка), а особено импресивен беше Мирковски со четири погодени удари за три поени без промашување.

Второто полувреме го почнавме со водство од 54-50, но Босанците за помалку од две минути направија серија од 10-0 и го свртеа резултатот во своја полза. Нападот веќе не функционираше, се послаби бевме и во скок-играта, па БиХ неслучајно во 26. Минута стигна до својата втора двоцифрена предност (57-67). Противникот имаше најубедливи 60-76, за пред крајот на третата четвртина Македонија да намали на 64-76. Сите надежи за евентуален камбек исчезнаа откако БиХ ја отвори последната четвртина со серија од 7-0 за, преубедливо водство со кое победникот дефинитивно беше решен. Последните минути ги одиграа резервите, а конечниот резултат гласеше 76-95, по што сега македонските кадети погледите мораат да ги насочат кон претстојното „мало финале“ во кое победа ќе значи и место во елитното друштво.

Петрушевски со 18 поени беше најефикасен во таборот на Македонија, пред Мирковски со 13 и Миловановиќ со 12 поени.

Се вчитува...