Македонски час по кошарка во Виена

Македонската кошаркарска репрезентација со убедлива победа го стартуваше настапот во новиот претквалификациски циклус за Евробаскет 2029 откако нашите кошаркари славеа во Виена над домаќинот Австрија со убедливи 59-91. „Црвено-жолтите“ предводени од Ненад Димитријевиќ одиграа беспрекорно, покажаа дека се најмалку две класи над противникот и дека апсолутно го заслужуваат местото од оваа група во главните квалификации.

Мечот го почнавме одлично со две тројки на Ефремовски за водство од 0-6, но домашниот состав експресно се врати израмнувајќи на 6-6. Мекиќ ја прекина мини-серијата на противникот со тројка, потоа и со асистенција до Рајт за први поени на одличниот центар во дресот на македонската репрезентација (6-11). Домашниот селектор зеде тајмаут, но Македонија продолжи да доминира и со фантастичниот цепелин Димитријевиќ – Рајт стигнавме и до првото двоцифрено водство (11-22, 7. минута). Берокал го повлече Рајт од игра, но Македонија предводена од Димитријевиќ имаше целосна контрола, доминираше до крајот на четвртината и ги доби првите 10 минути со убедливи 14-30.

фото: fiba.basketball

Втората четвртина ја отворивме со тројка на Лука Стојановски, потоа и реализација на Војдан Стојановски за експресно кревање на предноста на 16-35. Тројката на Војдан Стојановски значеше и кревање на разликата над 20 (16-38), по што немоќниот домашен селектор Наглиќ беше принуден да земе тајмаут. Само за момент концентрацијата на нашите кошаркари падна, Австрија намали на 20-38, по што Берокал веднаш реагираше со тајмаут. Австријците влегоа во шутерск ритам и со нови тројки намалија на 28-43, но навреме е стабилизиравме, не дозволивме серијата на противникот да продолжи и на одмор заминавме со убедливи „плус 19“.

Онаму каде што застанавме во втприот, продолживме во третиот период, набрзина поведувајќи со најубедливи 32-58. Во последните десет минути влеговме со водство од 44-65, по што остатокот од мечот беше само рутина за нашите кошаркари кои на крајот уште повеќе ја зголемија предноста и славеа со убедливи 59-91.

Димитријевиќ одигра меч за паметење стигнувајќи до трипл дабл од 15 поени, 14 скокови и 11 асистенции. На врвот на листата стрелци се најде Виктор Ефремовски со 17 поени, а двоцифрен ефект имаа и Мекиќ и Американецот Рајт со по 12 поени.

Овие претквалификации ги продолжување на 26 ноември кога на домашен терен ќе го пречекаме Кипар, селекција што во првото коло пред своите гледачи минимално славеше над Австрија.

Се вчитува...