Македонските кадетки ги победија Фарски Острови и ќе се борат за финале

Продолжува победичката серија на македонската репрезентација за ракометарки до 17 години на ЕХФ шампионатот што се одржува во Скопје. Во третиот натпревар од групата А, Македонија славеше против селекцијата на Фарски Острови со 24-20.

По првите три кола младите македонски ракометарки имаат максимални три победи исто како и селекцијата на Полска. По службената победа против Грција на стартот од шампионатот, македонската репрезентација во 2.коло ја победи Швајцарија, а вечерва кадетките беа поуспешни и од селекцијата на Фарски Острови и  во директен дуел со Полска ќе се борат за првото место во групата.

W17-EURO-handball-Macedonia-Faroe-Islands-

Избраничките на Јулијана Дамчевска, решавачката предност ја направија во последната четвртина од натпреварот. Репрезентацијата на Фарски Острови  водеше од 15-16, но македонските кадетки одиграа сигурно во финишот, направија пресврт и во поседните десет минути од мечот влегоа со предност од  20-16. Предноста успеаја да ја сочуваат до крај и заслужено ја прославија третата победа на шампионатот.

Најефикасни во македонскиот состав беа Јована Кипријановска и Марија Тасевска со по седум гола, шест погодоци со максимална прецизност додаде Аида Смајловска.

W17-EURO-handball-Macedonia-Faroe-Islands

Во последното коло, утре со почеток во 19 часот, Македонија ќе игра против Полска во дирекетен дуел за прво место во групата и пласман во финалето на ЕХФ Шампионатот. Првите места во групата А и Б носат директен пласман во финалето, а победникот на овој Шампионат обезбедува место во најквалитетната група во на репрезентации за ракометарки до 17 години.

Се вчитува...