Македонските ракометарки триумфално против Фарски Острови

Женската ракометна репрезентација на Македонија славеше против Фарски Острови со 15-22  на гостувањето во Торшавн и стигна до првите бодови во третиот натпревар од квалификациите за ЕП 2018 во Франција. Во натпревар со многу грешки и малку голови, македонските ракометарки имаа лош почеток, но добар финиш и во последната четвртина од мечот ја направија решавачката предност за првиот триумф во овој квалификациски циклус.

Почетокот на натпреварот не ветуваше многу за избраничките на селекторот Симе Симовски. На македонските ракометарки им требаа седум минути да дојдат до првиот погодок. Серијата грешки и промашувања продолжија и во наредните минути во кои репрезентацијата на Фарски Острови одржуваше минимална предност.

Лошата реализација и нови седум минути без погодок на Македонија, на домашниот состав му овозможија да дојде до највисока три гола предност поведувајќи со 7-4 во 18 минута од натпреварот. Но, Фарски Острови на тоа и останаа до крајот на полувремето. Македонските ракометарки во финишот врзаа три гола во серија и на полувремето имаа изедначен резултат 7-7.

Многу поконцентрирани и двојно поефикасни беа во вториот второто полувреме во кое комплетно го  скршија отпорот на домашната репрезентација. До првото водство, нашите ракометарки дојдоа по четири минути игра во вториот дел кога поведоа со 8-9. Со поагресивната и многу посигурна игра во продолжението, Македонија ја презеде иницијативата и одржуваше минимална предност, а во 45.минута прв пат дојде и на +3 (11-14). Со три гола предност, избраничките на селекторот Симе Симовски влегоа и во завршните десет минути (13-16). Тоа внесе дополнителна сигурност во играта и зголемување на водството на 15-21 и прослава на првата победа во овој квалификациски циклус со конечните 15-22.

Сара Ристовска беше најефикасна со седум гола, четири постигна Мирјета Бајрамовска, а по три гола додадоа Теодора Керамичиева и  Ивана Гакидова. Значаен придонес во триумфот имаше и голманката Матеја Серафимова со осум одбрани од кои и еден одбранет седмерец.

Во следниот натпревар од овој квалификациски циклус, Македонија ги пречекува Фарски Острови во Скопје на 25 март.

Во другиот денешен натпревар од оваа квалификациска група, Србија на домашен терен ја победи Шведска со 30-23 и се издвоија на лидерската позиција на табелата.

Се вчитува...