Максим Митровски уште на првиот настап на ВАКО ПРО го потврди својот потенцијал: „Ова е силен мотив за понатаму…“ (ФОТО)

Максим Митровски во јуниорска конкуренција за првпат настапи на професионален кикбокс меч ВАКО ПРО АФН 9 во дисциплината К1 до 75 килограми.

Максим, кој е натпреварувач од Кикбокс клубот Шампион од Скопје, воден низ досегашната кариера од неговиот татко и тренер Дејан Митровски – Урко, извојува апсолутна победа над својот противник Алекса Павловиќ од Србија со победа во сите рунди (3-0).

„Мечот на Максим беше исклучително интересен и атрактивен за публика со комплетна доминација над противникот со примена на многу реализирани различни комбинации на врвно технички кикбокс удари. Тој е енергичен, силен и технички добро подготвен натпреварувач” – вели организаторот и претседател на КМФМ, Дејан Митровски Урко.

Задоволен од својот настап по борбата беше секако и младиот Митровски кој не ја криеше возбудата од настапот на еден ваков гала настан…

„Настапот на ваков гала настан со врвна организација, пред своја публика во преполната сала од една страна е дополнително оптоварување и стрес за мене како борец, но истовремено е и предизвик и мотив да се фокусирам и да дадам се од себе за да ја оправдам најпрво довербата на мојот тренер што ми овозможил учество и настап на ваков настан, но секако и поддршката од мојата фамилија, другарите, пријателите, клупски другари и сите поддржувачи и љубители на кикбоксот. Пресреќен сум што бев дел од еден прекрасен кикбокс настан и секако што победив. Продолжувам и понатаму напорно да тренирам и ветувам уште идни успеси и медали, аматерски, но и професионални” – ни изјави Максим Митровски.

 

Се вчитува...