Маленко повикува пливачите да се обединат во федерацијата на која е претседател, единствената која е меѓународно призната

Претседателот на Пливачката федерација на Северна Македонија, Александар Маленко повикува на обединување во пливачкиот спорт во земјава. Во соопштение до медиумите, Маленко повикува сите пливачки субјекти кои функционираат во државава да се приклучат кон ПФСМ со оглед дека само таа е призната од меѓународните федерации, ФИНА, ЛЕН и ИОК.

Во соопштението уште Маленко потсетува дека тој и ПФСМ го имаа добиено спортот пред надлежните владини иституции околу запишувањето во Централниот регистар. Решението со кое се уважува жалбата на Маленко е донесено во јуни минатата година од второстепената комисија за жалби на Владата. Дополнително, Маленко уште и потсетува на допис од ФИНА во кој за легитимна членка на оваа меѓународна институција е примена ПФСМ.

„За жал, нашите искрени намери за обединување на сите пливачки спортски работници и пливачки правни субјекти и нивно вклучување во ПФСМ, не се реализираа иако тоа е впрочем и препорака на ФИНА и ИОК, со крајна и единствена цел – професионализација на националниот пливачки систем и унапредување на условите за развој на пливачкиот спорт. Со ова обединување на сите пливачки субјекти во една федерација која е призната од ФИНА, ЛЕН, МОК и ИОК, а тоа е здружување во ПФСМ, ќе се овозможи сите пливачи во сите категории, рамноправно да се подготвуваат и натпреваруваат, на национално и меѓународно ниво. Иако, ПФСМ уредно и навремено поднесе годишна програма до Агенција за млади и спорт на РСМ, имајќи во предвид дека е олимписка година и дека единствено ПФСМ има право да пријавува спортисти учесници на Европски и Светски првенства како и на претстојните Олимписки Игри во Токио преку МОК, нашата програма во целост е игнорирана од страна на Агенцијата за млади и спорт. Ве информираме дека ПФСМ со уште поголема сила, желба, знаење, мотив, цел и визија ќе продолжи да функционира и исполнува зацртаната програма по единствениот вистински пат кој го чекориме и досега, а тоа е патот за врвен спортски успех со целосен професионализам, следејќи ги во целост статутите на ПФСМ, ФИНА, МОК и ИОК. Во прилог на оваа наша информација официјално ви ги доставуваме активностите кои се реализирани во целост од наша страна за 2018 и 2019 година, како и конечното решение од владината комисија за жалби која одлучила во корист на Пливачка Федерација на Македонија односно сегашна ПФСМ, а таа одлука не се спроведува од страна на Централниот регистар на Република Северна Македонија, одлука која е донесена уште од месец Јуни 2019 година!? Исто така Ви доставуваме и официјален допис од правен сектор односно од Извршен Директор на ФИНА (г-дин Корнел Маркулеску), како официјална потврда за единствениот легимитен претставник и единствено призната пливачка федерација од наша држава“ – стои во соопштението од Пливачката федерација на Северна Македонија. 

 

 

 

 

Се вчитува...