Манчестер Јунајтед крена раце од Ерлинг Халанд

Ерлинг Халанд дефинитивно нема да ја продолжи кариерата во Манчестер Јунајтед откако „црвените ѓаволи“ самите се откажале од трката за ангажман на норвешката фудбалска суперѕвезда. Британските медиуми најавуваа дека токму ангажманот на Ралф Рангник ќе биде значаен адут на Јунајтед во оваа трка, со оглед на познанството на германскиот стручњак со Халанд и со неговиот татко, но како што одминуваше времето, така стануваше се појасно дека шансите за мегатрансфер на Халанд на „Олд Трафорд“ се нереални.

Иако Манчестер Јунајтед е еден од ретките клубови со финансиска моќ за да го доведе Норвежанецот,„ѓаволите“ самите се повлекле од трката откако добиле сигнали дека Халанд воопшто не е заинтересиран за преселба во Премиер-лигата. Според нивните извори, негова следна дестинација ќе биде шпанската Ла Лига, а моментно Реал Мадрид е лидер во оваа трка пред Барселона.

Само за потсетување, Халанд во договорот со Борусија Дортмунд има клаузула што летово го прави достапен за трансфер во висина од 75 милиони евра. Сепак, висината на трансферот ќе биде многу повисока, бидејќи и неговиот агент Мино Раиола и неговиот татко кој важи за посредник во преговорите, бараат богати бонуси од по над 20 милиони евра, па јасно е дека новиот клуб ќе треба во старт да издвои најмалку 120 милиони евра, плус платата за норвешката гол-машина.

Се вчитува...