Манев и Стојанов од Брегалница во фокусот на клубови од Унгарија и Словенија

Едни од најдобрите фудбалери на Брегалница, младинскиот репрезентативец Јован Манев и крилниот офанзивец Мартин Стојанов се во фокусот на клубови од Унгарија и Словенија кои, како што дознаваме, веќе имаат и сериозни понуди до штипјани за услугите на двајцата фудбалери.

23-годишниот Стојанов има одлична сезона во дресот на сините по што доаѓаат понуди од неколку клубови од странство, додека 21-годишниот Јован Манев, пак, покрај беспрекорните настапи за Брегалница изминатава година е незаменлив во одбраната и на младата репрезентација на Македонија.

Покрај од Унгарија и Словенија, од Брегалница не кријат дека се разговара и со клубови од Бугарија и Словачка и за двајцата фудбалери, но засега нема ништо конкретно. Желбата на штипјани е секако да ги задржат во своите редови, освен во случај на крајно сериозна понуда која би била од значење и за идните кариери на младите фудбалери.

„Може само да кажеме дека има интерес и преговори, но сепак се уште е рано за дефинитивна одлука. Брегалница како клуб секако секогаш размислува и во интерес на засилениот развој на кариерите на нашите фудбалери“ – ни изјави спортскиот директор на Брегалница, Никола Тонев.

Манев во моментов е и со младата репрезентација на Македонија која ги очекува последните два натпревари од квалификациите за ЕП против Ерменија и против Украина.

Се вчитува...