Марко Блажевски се откажува од Македонија: Не сум дел од СП поради политика

Најдобриот македонски пливач, Марко Блажевски нема да биде дел од нашата репрезентација на Светското првенство во Кореја. Неправда која, како што вели, го присилува во иднина да настапува за друга репрезентација или, пак, на само 26 години да се откаже од пливањето.

Иако во мај во Бања Лука оствари личен рекорд на 100 метри-градно, освојувајќи го второто место зад олимпискиот финалист Каба Силаѓи, сепак не е во селекцијата за настапот на СП.

„Нема да бидам на СП поради политика и бирократија. Без разлика што имам најдобро време тие одлучија да испратат неколку помлади пливачи, под изговор за некакво искуство“ – вели Блажевски.

Но, за многумина добро упатени во актуелните состојби во македонското пливање јасно е дека Марко е жртва на војната која владее во мак-пливањето меѓу Александар Маленко и Александар Филипчев.

„Ако со сигурно дознаам дека нема да бидам во комбинација за настап на Олимписките игри во Токио следната година, тогаш дефинитивно ќе решам да пливам на квалификацискиот митинг за обезбедување место во американската репрезентација. Барем знам дека ќе добијам фер шанса“ – вели Блажевски, кој покрај македонското има и државјанство на САД.

Блажевски вели и дека е максимално разочаран од односот кој Македонија го има кон него, па планира да стави и крај на кариерата.

„Летово ќе паузирам. Тоа не значи дека ќе се пензионирам, бидејќи неодамна на 26 години, кои се сметаат за возрасни пливачки години, го испливав личниот рекорд. Но, тешко е да се натераш напорно да тренираш кога сопствената држава ти го врти грбот. Но, се е можно во блиска иднина. И пензионирање“ – завршува Марко Блажевски.

Се вчитува...