Марковски: Сега опстанокот е реалност… Рамадан: Не очекував вакво анемично издание!

Очекувано, сосема различно расположение кај двајцата тренери по денешниот последен меч од 24. коло во Првата македонска фудбалска лига меѓу Шкупи и Скопје во Гостивар.

Задоволство кај стратегот на Скопје, Љупчо Марковски по победата од 0-2 со која неговиот тим сега веќе сериозно негува надежи и за опстанок во лигата…

„Најважно е што почнавме да играме онака како што сакаме. Трудот кој го вложивме и максималната работа си доаѓаат до израз, иако далеку сме од главната цел. Но, сепак оној пат кој ни изгледаше далечен на почетокот сега го донесовме до некои реални рамки. Сега може да кажеме дека борбата за опстанок може да биде реалност. Но, како што кажавме пред почетокот на пролетва за секој натпревар ќе се подготвуваме пооделно, чекор по чекор, без да правиме некои математики однапред. И до крај на секој меч ќе одиме да освоиме што повеќе бодови а ќе видиме дали ќе бидат доволни за опстанокот“ – ни изјави Марковски.

Зекирија Рамадан, пак, дебитираше на клупата на Шкупи непосакувано со пораз…

„Знаевме дека ќе биде тежок натпревар затоа што Скопје во пролетниот дел имаше навистина добри резултати, но да бидам искрен не ни помислував дека екипата ќе изгледа анемично на терен без некоја желба за успех… Противникот успеа да реализира од два удари, а потоа тешко беше да се вратиме по 0-2. Но, секако за нас останува да се направи една добра анализа за оваа лоша игра. Не знам зошто изостана мотив, и покрај огромната поддршка која за време на целиот меч ја имавме од ‘Шверцерите’ за што мора да им искажеме благодарност“ – истакна Рамадан по завршувањето на натпреварот во Гостивар.

Се вчитува...