Марота за Меси: Да не се лажеме, тоа е само нечија бујна фантазија

По тренерот Антонио Конте, дојде ред и на директорот Џузепе Марота да ги демантира новинарските шпекулации дека Интер е блиску до договарање на мегатрансферот на Лионел Меси. Марота, кој впрочем е и задолжен за трансферите на „нероаѕурите“, јасно стави до знаење дека навивачите не треба да сонуваат дека аргентинската суперѕвезда би можела да пристигне на „Џузепе Меаца“.

„Да не се лажеме, Меси во Интер е само нечија бујна фантазија. Не би било убаво да продолжиме да фантазираме, треба што поскоро да се вратиме во реалноста. Барселона е единствениот клуб за него, тој ќе ја заврши кариерата таму“, истакна Марота.

Првиот оперативец на Интер се осврна и на сезоната во која неговиот тим го освои второто место, не криејќи ја тагата што „нероаѕурите“ не успеаја да ја прекинат шампионската серија на Јувентус.

„Разликата меѓу нас и Јувентус не е во квалитетот, туку во менталитетот. Мораме да бидеме победници во главите, тоа е единствениот начин на кој можеме да се надеваме на скудетото. Завршивме втори, а јас не можам а да не жалам за дуелите со Сасуоло, Болоња и со Верона, на кој моравме да победиме“, анализира директорот на Интер.

Се вчитува...