Маслинко: Куманово и Работнички се главните ривали на МЗТ сезонава

Андреј Маслинко ги остава зад себе големите проблеми со повредите поради кои крилниот центар играше премалку минатата сезона, па нема сомнеж дека тој ќе биде значаен адут на МЗТ Скопје во периодот што претстои.

„Искрено, имав претешка сезона зад себе, година и половина што беа претешки и на физички и на ментален план. Мислам дека сето тоа ќе го оставам зад себе и максимално подготвен влегувам во она што претстои“, вели Маслинко.

Тој е свесен за сериозноста на предизвикот, особено поради густиот распоред на натпревари на МЗТ во следните месеци. Првиот предизвик е веќе утре, дуелот од Супер-купот на Македонија против Куманово, ривал на кого Маслинко гледа со особена почит посочувајќи го како еден од главните ривали на МЗТ Скопје во новата сезона.

„Се надевам дека ќе бидеме конкурентни на сите полиња. Сезоната е долга и тешка, особено во првиот дел кога имаме натпревари на секои три-четири дена, имаме многу гостувања и треба да се издржи тој ритам. Би сакал да бидеме конкурентни во ФИБА Европа купот за да видиме до каде сме, а што се однесува до АБА-лигата, ќе ја нападнеме за да ја освоиме и да се вратиме во елитното друштво. Што се однесува до домашната сцена, сакаме нова двојна круна. Кој ни  се најголемите ривали? Куманово и Работнички“, вели Маслинко.

Се вчитува...