Матеј Гаштаров добива повик во А-репрезентација за Лигата на нации, проблеми со документацијата за Караташ

Македонскиот селектор Гоце Седлоски информира дека за престојниот септемвриско-октомвриски собир на А-репрезентацијата за настапот во Б-дивизијата од Лигата на нациите ќе има две нови имиња во националниот тим, фудбалерот на белградска Црвена Звезда, Матеј Гаштаров како и Казимчан Караташ од турски Галатасарај.

„Гаштаров ќе добие повик. Ги следев двата негови натпревари за Црвена Звезда и може да искажам навистина пофалните зборови. Сака да дојде да игра и верувам дека ќе биде убаво освежување. Повик ќе има и за Караташ, но проблем со него е околу документацијата. Сака да игра ама нема спортски пасош“ – истакна селекторот Седлоски на денешната средба со медиумите.

Казимчан Караташ игра на позицијата лев бек во Галатасарај. Ќе биде повикан од Седлоски, но во моментов интензивно се работи на потребната документација за да може навреме да ги добие сите потребни дозволи и да биде ставен на располагање на Македонија.

Караташ би бил еден вид замена за Езгијан Алиоски кој е повреден, и најверојатно нема да биде на располагање.

Maкедонија во првото коло од новата сезона во Лигата на нациите, на 26 септември во Скопје ја пречекува силната селекција на Швајцарија.

Се вчитува...