Матиќ застана во одбрана на Мегваер, па конечно му одговори „експертот“ Рој Кин

Немања Матиќ стави крај на својата авантура во Премиер-лигата и се пресели во Рома, откако реши да го прифати повикот од својот поранешен тренер, Жозе Мурињо.

Српскиот фудбалер има долго искуство во Премиер лигата, а како ветеран кој ги знае сите притисоци кои се прават на Островот, реши јавно да застане во одбрана на капитенот на „ѓаволите“, Хари Мегваер.

„Тоа што луѓето и медиумите му го прават на Мегваер е вистинска катастрофа. Се треба да има својата граница и одредени луѓе се брутални на социјалните мрежи. Мегваер не заслужува таков третман“, изјави Матиќ во интервјуто за ‘Тајмс’.

Матиќ по пет месеци конечно реши да одговори и на провокацијата која ја доби од Рој Кин на крајот на месец април. Кин му забележа на Србинот за тоа што по заминувањето од Англија порача дека во неговото срце остануваат и Челси и Манчестер Јунајтед, став зад кој стои Матиќ и денеска.

„Имам респект за сето она што го остварил Кин на теренот, но тој мора да сфати дека фудбалот е променет. Јас играв за Челси, не можам да кажам дека ги мразам. Начинот на кој тој играше фудбал, сега во 70 проценти од случаите ќе биде црвен картон. Вистинската личност е онаа која ја гледате во живо. Секогаш кога сум го гледал, тој бил фин со мене. Тоа што го кажува во јавноста пред телевизиите, воопшто не ме засега. Јас знам што сум направил во кариерата и среќен сум за се што сум кажал“, потенцираше Матиќ.

Се вчитува...