Мбапе му рекол „ДА“ на Реал Мадрид

Одличните настапи на Килијан Мбапе во вториот дел од сезонава беа причина речиси сите европски гиганти да покажат интерес за новото француско „чудо од дете“. Како што јавува весникот „Марка“, победник од оваа трка ќе биде Реал Мадрид откако „кралскиот клуб“ добил потврден одговор на својата до младиот голгетер. Имено, Мбапе изразил желба да заигра крај Кристијано Роналдо во редовите на Реал, оставајќи уште клубовите да се договорат околу висината на отштетата за трансферот да биде комплетиран во текот на летниот преоден рок.

Челниците на Монако воопшто не ги разгледуваат понудите за своите фудбалери до крајот на сезонава, за фокусот да остане на борбата за титулата во Франција, како и на настапите на екипата во Лигата на шампионите. Сепак, јасно е дека „кнезовите“ нема да можат да одолеат на мултимилионска понуда за својот најдобар играч, а ако се знае дека Реал е подготвен да плати огромни 100 милиони евра, јасно е дека овој трансфер е многу близу до реализација.

„Кралевите“ значаен дел од оваа сума ќе покријат од продажбата на Хамес Родригез, кој речиси сигурно својата кариера ќе ја продолжи во Премиер-лигата (Челси, Манчестер јунајтед и Ливерпул се интересираат за неговите услуги). Самата офанзива по Мбапе најверојатно ќе значи и ладење на интересот за Еден Азар, кој претходно беше поврзуван со преселба на „Сантијаго Бернабеу“.

Се вчитува...