Адем Мекиќ беше еден од најрасположените македонски кошаркари во убедливата победа над Австрија во рамките на вториот претквалификациски циклус за пласман на Европското првенство во 2029 година.
Македонија одигра одличен натпревар и со енергичен пристап од самиот почеток стигна до значаен триумф, а Мекиќ по средбата не го криеше задоволството од начинот на кој функционираше тимот.
„Извонреден резултат. Добивме многу значаен натпревар, особено по првиот меч и поразот на Австрија од Кипар. Знаевме дека ќе започнат многу офанзивно и физички, па моравме да одговориме на тоа“, изјави Мекиќ.
Македонскиот кошаркар посебно го истакна пристапот на репрезентативците и стручниот штаб.
„Многу сум горд на моите соиграчи и на стручниот штаб што влеговме многу енергично, мотивирано и со голема самодоверба. Резултатот на крајот донесе извонредна победа“, додаде Мекиќ.
Според него, токму тимската игра е најголемата сила на оваа репрезентација. Мекиќ посочи дека секој од играчите има јасно дефинирана улога и дека максималното исполнување на задачите може да биде клучно во продолжението.
„Многу е битно што играме како тим. Знаеме кои се лидерите на оваа репрезентација, тука се Нено, Војдан, секој има своја улога и сите ја извршуваме задачата што ни е зададена на максимум“, порача репрезентативецот.
Мекиќ верува дека ваквиот пристап може да биде залог за иднината на македонската кошарка.
„Ако продолжиме така, мислам дека оваа репрезентација има светла иднина“, заклучи Мекиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
