Меси добро помина – блага казна за црвениот картон со Атлетик Билбао

Лионел Меси ќе паузира само два натпревари по црвениот картон што „ѕвездата“ на Барса го заработи во финишот од мечот со Атлетик Билбао во Супер-купот на Шпанија.

Дисциплинската комисија денеска ја обелодени својата одлука, што донесе изненадување со оглед на фактот дека претходно беше најавена суспензија меѓу четири и дванаесет натпревари неиграње. Сепак, „дисциплинците“ не го окарактеризирале инцидентот на Меси како насилничко однесување, бидејќи тој само сакал да се оттргне од Асиер Вилјалибре, со кого момент претходно бил во дуел.

„Црвениот картон е заслужен и казната изнесува два натпревари неиграње, но тука немаше насилничко однесување“, се вели во дел од одлуката.

Ова значи дека Аргентинецот ќе го пропушти следниот дуел од Копа дел реј против Корнелја, како и следниот меч од Ла Лига против Елче, но ќе може да се врати во екипата на Барса за пресметката со Атлетик Билбао.

Се вчитува...