Меси искрен: Играме слаб фудбал, Реал заслужено е шампион

Лионел Меси постигна уште еден еврогол од слободен удар, но и тоа беше премалку за Барса да се спаси од нова срамота – овојпат губејќи на домашен терен од Осасуна. Аргентинецот беше самокритичен по натпреварот, честитајќи му ја титулата на големиот ривал Реал Мадрид.

„Не очекувавме сезонава да заврши на ваков начин, но го заслуживме епилогот со начинот на кој играме цела година. Факт е дека играме слаб фудбал, немаме интензитет, а Барса вообичаено така ги добива натпреварите. Реал заслужено е шампион, не загуби ниту еден натпревар по паузата, додека ние прокоцкавме премногу натпревари. Мораме да бидеме самокритични, почнувајќи од играчите, но и до сите останати. Ние сме Барселона, обврска ни е да победуваме на секој натпревар, а сезонава не го сторивме тоа“, истакна Меси. по неочекуваниот пораз од Осасуна.

Каталонците сега ќе имаат кратка пауза, по што ќе се насочат кон завршницата од Лигата на Шампионите.

„Веќе реков дека ако продолжиме со вакви игри нема да стигнеме далеку ниту во ЛШ, а излезе дека останавме без титула и во Ла Лига. Ни треба малку простор сите добро да размислиме за Лигата на Шампионите, бидејќи тоа ќе биде натпреварување во кое немате право на грешка. Мораме да бидеме самокритични за минатиот период и да извлечеме поука“, порача најдобриот фудбалер на Барса.

Се вчитува...