Металург без тренер и без тренинг на мегдан со Чеховски медведи

Во „дербито“ на дното на табелата, ракометарите на Металург денеска (15 ч.) му гостиваат на Чеховски медведи во рамките на петтото коло во групата Ц од Лигата на шампионите. По првите четири натпревари, Металург е без освоен бод. Сличен старт на сезоната имаше и рускиот тим,  но Чеховски медведи во минатото коло успеаја да ја прекинат серијата порази забележувајќи изненадувачката победа против Татран Прешов.

Металург се уште е без позитивен резултат со извесна надеж дека денеска може да се смени среќата иако пред дуелот во Чехов, македонскиот вицешампион се соочува со дополнителни проблеми. По сите пехови што ги следат на стартот од сезоната, Металург денеска ќе биде и без тренерот Данило Брестивац на клупата. Брестовац доби еден меч суспензија од ЕХФ поради „агресивното однесување“ и директниот црвен картон на претходниот натпревар со Силкеборг.

По напорното патување од Скопје до Москва преку Софија, „металурзи“ заглавиле и во петочната гужва во Москва, па три часа се возеле од аеродромот до северното предградие Чехов и не одржале ниеден тренинг пред денешниот натпревар.

Металург во Русија отпатува со две измени во составот во однос на претходниот викенд. На местото на Мартин Серафимов на десен бек шанса ќе добие Стефан Додиќ, а на голот отпадна Виктор Василевски и во тандем со Мартин Томовски повторно ќе биде Никола Даниловски.

Металург и Чеховски медведи трета сезона по ред играат меѓусебе во групната фаза во Лигата  на шампионите Во историјата на меѓусебните дуели, македонскиот тим има четири победи и два порази. Лани Металург славеше на гостувањето во Русија со 26-32, но потоа Чеховски медведи се реваншираа во Скопје запишувајќи ја единствената гостинска победа во сезоната (26-29).

Се вчитува...