Металург гладен за победа ги чека руските „медведи“

Со променет состав и со желба конечно да дојде до првите бодови, Металург денеска (17 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“ го пречекува рускиот првак Чеховски медведи, во натпреварот од 6.коло во групата Ц од Лигата на шампионите.

Во вториот дел од натпреварите во групната фаза, тимот од Автокоманда продолжува без Халил Јагањац кој се пресели во нексе, но со три нови засилувања во составот. На бековската линија тренерот Данило Брестовац сега на располагање ги има Словенците Александар Шпенде и Миха Пучник и Португалецот Гонзало Рибеиро.

Токму денешниот дуел со Чеховски медведи ќе биде и првиот тест за силата и можностите на „подновениот“ Металург.

Очекувам добар натпревар, бидејќи ние сме гладни за победи и тренираме напорно. Чеховски Медведи е квалитетен противник, екипа која физички е посилна од нас. Се обидуваме преку анализи да ги најдеме нивните слаби страни и да ги надиграме. Се надевам дека публиката ќе ни даде поддршка и дека ќе се појави во поголем број. Се создава еден нов Металург, а ги направивме првите чекори за враќањето на оној стар Металург. Сакаме да одиме во нагорна линија и да покажеме подобро лице. Паузата ја искористивме за да се консолидираме. Сега сме комплетни и личиме на екипа. Имаме повеќе можности во одбрана и во напад, имаме поголема ротација. Можеби го загубивме Јагањац, но доведовме тројца квалитетни ракометари“ – вели тренерот Данило Брестовац.

На првиот меѓусебен дуел оваа сезона, Чеховски Медведи на домашен терен го победи Металург со 33-25 и води во меѓусебниот скор со 5-2. Според најавата на официјалниот клупски сајт, Чеховски медведи во Скопје ќе настапи со истиот состав со кој што го пречека Металург на првиот натпревар во Русија.

Се вчитува...