Металург со победа против Целје се прости од СЕХА

Металург со победа стави крај на турбулентната сезона во регионалната СЕХА лига. Во последниот натпревар од регуларниот дел, „металурзи“ на домашен терен го победија Целје со 28-26  и достојно го завршија настапот во регионалното натпреварување. Во сезоната со многу подеми и падови за младиот состав од Автокоманда, како сатисфакција останува оваа втора победа по ред на домашен терен против екипите од големата четворка, прво против Мешков Брест, а денеска и против Целје. Македонскиот вицешампион го завршува настапот во СЕХА на седмото место на табелата, со седум победи, едно реми и десет порази и со вкупно 22 бода.

Иако словенечкиот тим влезе како фаворит во овој дуел, избраниците на Александар Јовиќ успеаја да се изборат за победа во овој завршен дуел. Целје ја имаше иницијативата на стартот и предност од 1-2 гола во првата четвртина од натпреварот. Одлуката на гостинскиот тренер, Бранко Тамше да им даде шанса и на помладите ихграчи во составот му овозможи на Металург да го сврти резултатот во своја полза.

Неколкуте одбрани во серија на Мартин Томовски, донесоа сигурност во играта на Металург во втората половина од првото полувреме. Вања Иличќ од контра изедначи на 12-12, а во 22. минута „металурзи“ дојдоа и до првото водство на натпреварот со погодокот на Филип Кузмановски од седмерец за 13-12. Офанзивната игра на Металуг  во овие минути го донесе и посакуваниот резултат и комплетен пресврт. Ракометарите на Целје влегуваа од грешка во грешка, а „металурзи“ знаеја да казнат, постигнаа пет гола во серија и на четири минути пред крај на полувремето имаа водство од 16-12, а на одмор заминаа со предност од 17-13.

На стартот од второто полувреме Целје со два погодоци во серија, успеа да ја намали негативата на 17-15.  Урбан Лесјак имаше неколку успешни интервенции на гостинскиот гол, но, во исто темпо возврати и Томовски на другата страна и го држеше Металург во позитива. „Металузи“ во овој дел успешно одолеваа на притисокот на гостите.

Во завршната четвртина, Металург влезе со предност од 23-20, но не и во мирна завршница на овој дуел. Два напади на домаќините без реализација беа доволни за Целје да се врати во игра и дојде до ново изедначување на 23-23 со петтиот погодок на Домен Макуц на десет минути пред крај. Сепак, „металурзи“ не се предаваа и успеаја брзо да се вратат во позтива. На пет минути пред крај со мини серија дојдоа со предност од 27-24. Иако натпреварот беше без резултатска важност и за двете екипи, сепакнеизвесноста остана до крај. Со погодокот на Млакар, Целје одново беше на гол негатива (27-26) на една минута пред крај, но не го искористија завршниот напад за реми, а Вања Илиќ стави точка на натпреаварот поставувајќи ги конечните 28-26.

Нападот на Металург и на овој натпревар го предводеше капитенот Филип Кузмановски со шест погодоци. По пет гола додадоа Халил Јагањац и Вања Илиќ со по пет гола. По пет гола за Целје постигнаа Даниел Душебаев, Домен Макуц и Гал Маргуч.

Се вчитува...