Миа Блажевска-Еминова собори рекорд на Мешковска стар 20 години на 100 метри-делфин

Вкупно 13 индивидуални и 5 рекорди во штафетните трки се поставени на Зимското национално првенство во пливање на мали базени кое, согласно календарот на Националната пливачка федерација, се одржа на базенот „Борис Трајковски“ во Скопје.

На шампионатот учествуваа 19 клуба и околу 300 пливачи кои се натпреваруваа во сите старосни категории, од помлади пионери до сениори, во поединечна и во екипна конкуренција.

Најперспективната македонска пливачка, членка на ПВК Орион, 14-годишната Миа Блажевска-Еминова постави нови рекорди во кадетска, младинска и апсолутна конкуренција на 50 метри-грбно со време 29:30, на 50 метри-градно со време 34:24, и на 100 метри-делфин со време 1:02:98 со што го собори 20 години стариот апослутен рекорд на Наташа Мешковска кој изнесуваше 1:03:03. Постави и кадетски рекорд на 100 метри-градно со време 1:14:90, како и на 50 метри-делфин со време 28:39.

Членот на ПК Скопје, Стефан Цветковски постави нов кадетски рекорд во дисциплината 50 метри-делфин со време 25:90, додека членката на ПК Октопод, Софиа Дамјанова постави нов рекорд за помлади пионерки во
дисциплината 50 метри-делфин со време 30:59.

Штафетите на ПК Вардар 2018 поставија нови рекорди за помлади пионери со време 2:17:02 на 4×50 метри-мешано во состав Анѓелковиќ, Ѓуретановиќ, Тасевски и Станковски и 2:01:97 на 4×50 метри-слободно во состав Тасевски, Ангелковиќ, Станковиќ и Ѓуретановиќ. .Штафетите на ПК Скопје поставија нови рекорди за кадетки и младинки на 4×50 метри-мешано во состав Младеновиќ, Јанковиќ, Ангеловска и Жунгулова со време 2:17:05, нов рекорд за кадетки и младинки на 4×50 метри-слободно во состав Неделковска, Неделковска, Жунгулова и Ангеловска со време 2:02:75 и нов рекорд за постари пионерки на 4×50 метри-слободно во состав Јанковиќ, Гошева, Наумовска и Јанева со време 2:02:75.

НАЈДОБРИ ПЛИВАЧИ ПО КАТЕГОРИИ:

Помлади пионерки – Софиа Дамјанова, ПК Октопод
Постари пионерки, кадетки, младинки и сениорки – Миа Блажевска Еминова, ПВК Орион
Помлади пионери – Никола Ѓуретановиќ, ПК Вардар 2018
Постари пионери – Јован Јанковски, ПВК Орион
Кадети и младинци – Андреј Стојановски, ПК Нептун
Сениори – Филип Деркоски, ПВК Орион

Се вчитува...