Михајловиќ: Некои работи во животот се поважни од пехарите…

Синиша Михајловиќ излезе како победник од борбата со тешката болест, по што српскиот стратег сега се фокусира на фудбалот и тренерската работа во Болоња. Сепак, Михајловиќ не ги заборава тешките моменти кои му овозможиле да ги согледа вистинските приоритети во животот.

„Добив толку многу пораки во изминатите месеци, не само од познати фудбалски лица, туку од најобични фудбалски фанови на бројни клубови… Тотални странци беа загрижени за мене, за мојот живот, тоа чувство на добивање поддршка е нешто што не може да се опише. Искрено се надевам дека моите зборови или дела му значат некому што минува во слична битка. За мене тоа би било повредно од скудето, бидејќи некои работи во животот се поважни од пехарите“ – изјави Михајловиќ во интервју за „Sportweek”.

Тешкото искуство му помогна на Михајловиќ да го промени и својот карактер.

„Бев понервозен како личност, сега сум мирен, сакам да слушнам што мислат и другите за одредена ситуација. Порано одев да трчам со слушалки во ушите за да се ослободам од стресот. Сега пешачам најмалку по седум километри дневно, разгледувам наоколу, дишам чист воздух, што е неверојатно искуство по три месеци во болнички кревет. Сега слободно можам да кажам дека уживам во секој момент од животот, дури и во малите нешта кои не ги забележував претходно“ – истакнува Михајловиќ.

 

 

Се вчитува...