Новиот македонски селектор Благоја Милевски го враќа напаѓачот на турски Гезтепе, Адис Јаховиќ во репрезентацијата за септемвриските квалификациски натпревари за пласман на СП 2022, дознава ЕКИПА.
Јаховиќ од октомври 2017 година е надвор од националниот тим по несогласувањата со поранешниот македонски селектор Игор Ангеловски. Но, сосема е јасно дека репрезентацијата ќе има промени во офанзивната линија за продолжението од мундијалските квалификации откако по крајот на ЕВРО 2020 дефинитивно повлекување од националниот дрес објавија Горан Пандев, Иван Тричковски и Крсте Велкоски.
Во очекување на официјалната промоција на селекторската функција, а во желбата за навремена подготовка на сите репрезентативни активности за септември, Милевски изминатиов период веќе имал неколку пооделни средби со дел од македонските репрезентативци. Во таа насока е и средбата со Јаховиќ во Турција на која напаѓачот на Гезтепе истакнал отворена желба повторно да се стави на располагање на најдобрата македонска репрезентација.
Повик за септемвриските квалификациски натпревари ќе има и за Бојан Миовски кој игра во одлична форма во унгарски МТК. 22-годишниот Миовски веќе беше дел од младата репрезентација на Благоја Милевски изминативе години, а сега се очекува да добие шанса и во А-тимот. Во напаѓачката линија на септемврискиот собир се очекува да бидат и Александар Трајковски, Дарко Чурлинов и Милан Ристовски. Офанзивецот на Удинезе, Илија Несторовски поради повреда е надвор од терените.
Македонија во продолжението од квалификациите за СП 2022, на 2. септември во Скопје ја пречекува водечката репрезентација во групата, Ерменија, потоа гостува на Исланд на 5. септември и на 8. септември ќе биде домаќин на Романија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА