Благоја Милевски и официјално е нов селектор на македонската фудбалска репрезентација. Раководството на „Куќата на фудбалот“ му ја врачи довербата на искусниот стратег кој и во минатото забележа огромни успеси во македонскиот фудбал предводејќи ја репрезентацијата до 21 година на младинското Европско првенство кое се одржа во Полска во 2017 година, прв настап на една наша селекција на континентален фудбалски собир.
„Сер Боби“ од златната генерација на мак-фудбалот која беше дел од ЕВРО 2020 ќе може да смета на дури четиринаесет играчи со кои имаше беспрекорна соработка во минатото. Елиф Eлмас, Енис Барди, Бобан Николов, потоа Велковски, Зајков, Муслиу, Радески, Бејтулаи, Шишковски, Јанков, Аврамовски, Костадинов, Чурлинов, Милан Ристовски… сите овие се играчи кои поминаа „низ рацете“ на 50-годишниот стратег, дел од нив во првиот мандат како селектор на У21, дел во последните години откако се врати на функцијата.
За значењето на Милевски во мак-фудбалот говореше и претседателот на ФФМ, Михамед Сејдини кој на денешната прес-конференција велејќи дека тој е човекот кој го регенерираше мак-фудбалот.
„Визијата за нашата фудбалска иднина со Благоја Милевски на местото селектор на македонската А репрезентација е кристално јасна. Тој е човекот кој го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток, создаде неверојатна група на фудбалери кои зад себе веќе имаат настап на две Европски првенства, младинско и сениорско и уверени сме дека тој пат мора да продолжи“.
Дебито на клупата на македонската репрезентација Благоја Милевски ќе го има на дуелот против Ерменија кој ќе се одигра на 2. септември во Скопје како дел од квалификациите за Светското првенство. Како потсетување, по три одиграни кола Македонија се наоѓа на втората позиција на табелата со шест освоени бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА