Милевски: „Јаховиќ е подготвен да се врати, Чурлинов во А-тимот а Чолаковски е одличен потенцијал“

Новиот македонски селектор Благоја Милевски потврди дека имал средба со Адис Јаховиќ во Турција на која е разговарано за враќање на офанзивецот во националниот тим.

Јаховиќ искажа отворена желба за враќање во репрезентацијата уште за септемврискиот квалификациски собир…

„Остварив средба со Адис Јаховиќ и тој искажа желба и подготвеност доколку е неопходно повторно да се стави на располагање на македонската репрезентација. Но, потенцирам уште еднаш дека сите ќе бидат повикани само врз основа на својот квалитет и моментална форма, и дали сами ќе заслужат да бидат дел од националниот тим“ – одговори на новинарско прашање Милевски, притоа дополнувајќи и за дел од останатите поединци.

„Дарко Чурлинов е наш огромен потенцијал и со своите игри за младата селекција јасно посочи дека е потенцијал за А-тимот каде и ќе биде во иднина“.

Токму како заслуга на Милевски во младата репрезентација во септември првпат ќе се појави и напаѓачот на австралискиот шампион Мелбурн сити, Стефан Чолаковски кој, сепак, ќе ги мине најпрво младите селекции.

„Јас во минатото бев најголем поборник дека фудбалерите мора да минат низ ‘ситото’ на младите репрезентации, таму каде што се најпотребни и каде што е просторот за нивниот вистински репрезентативен развој. Така ќе биде и со Стефан Чолаковски кој ќе биде со младата селекција. Јас и технички директор Зоран Зафиров ги остваривме уште во јануари првите контакти со Стефан. Посакувавме да биде со нас на претходните собири на младата селекција, и тој се согласи за тоа. Во март не можеше поради австралиските Ковид-19 протоколи а во јуни потоа и поради настапите за Мелбурн сити во плеј-офот во Австралија. Сега ќе биде со младата селекција. Тој мора да го докаже својот квалитет во младата репрезентација, каде ќе има полн допринос а потоа секако го гледаме и во најсилната сениорска репрезентација затоа што има и тоа како сериозен квалитет. Но, ќе повторам повикот во репрезентацијата ќе зависи само од нив самите“ – вели Милевски.

Се вчитува...