Милевски: Мотив за секој меч ни е македонскиот дрес, а не политичките случувања меѓу две земји!

ЕКИПА во Разград,

Владимир Булатовиќ

Македонскиот селектор Благоја Милевски пред стартот новата сезона во Лигата на нации уште еднаш потенцира дека групата е со израмнет квалитет, без изразите селекции со фаворитска улога.

Во очекување на утрешниот натпревар (18 часот) против Бугарија во Разград предводникот на националниот тим вели дека фаворитската улога мора да се покажува на терен, а Бугарите се и тоа како сериозна селекција која почнува нов циклус со желба за победнички старт.

„Фаворит пред почеток на натпревар никогаш ниту постоел ниту ќе постои пред натпревар. Фаворитот се наметнува на самиот натпревар, па така ќе биде и на утрешниот дуел. Секако, ние сите оние досегашни игри сакаме да ги демонстрираме и во Лигата на нации, и за тоа мора максимален ангажман без разлика на тоа што, за жал, Лигата на нации ја почнуваме со одредени проблеми поради повредени фудбалери и оние кои мораа да одмараат поради напорната сезона. Но, сите кои се со нас се максимално подготвени за уште едно успешно докажување на терен“.

Милевски одговараше и на прашањето од бугарските новинари дали стравува од провокации од трибините поради политичките случувања меѓу двете земји…, и дали можеби политичките случувања се дополнителен мотив за македонските репрезентативци.

„Ние сите сме спортски работници и воопшто не не интересираат никакви провокации, ниту политика на терен. Напротив концентрирани сме само на спортскиот дел и тоа што ќе се случува на терен, воопшто не оптоварувајќи се со политиката. Начинот на кој единствено размислувам е единствено во контекст на спортот и фудбалската игра. Никогаш политички случувања не ни биле неопходни како мотив, напротив фудбалерите секогаш се повеќе од доволно мотивирани секогаш кога го носат дресот на македонската репрезентација. Македонија и македонскиот дрес се секогаш мотив!“ – истакна македонскиот селектор на прес-конференцијата во Разград.

Што се однесува до противникот кој не очекува утре…

„Добро го анализиравме противникот, и многу добро знаеме дека не очекува квалитетен противник, силна екипа која има своја цел. Верувам дека ќе биде квалитетен натпревар и посакувам само подобриот на терен да победи. Факт е дека секој натпревар е натпревар за себе. Секако, мора да имате план за секој нов дуел и секој нов противник, но што ќе се случува ќе видиме на самиот натпревар“ – вели Милевски.

Се вчитува...